top of page

АУТИЗАМ


Пред да го споделам материјалот кој успеав да го најдам, чувствувам потреба да кажам некој збор од каде се појави потребата од оваа статија. Од оваа учебна година во моето одделение имам ученик со аутистичен синдром. Иако во текот на моето досегашно работење како одделенски наставник имав привилегија да се стекнам со знаења за работа со ученици со посебни образовни потреби, на секој нов работен ден гледам со предизвик, но и патување во непознато.Бев дел од повеќе европски семинари за инклузивно образование, од каде и произлегуваат моите претходни , а и следни статии со цел да го споделам и знаењето и материјалот кој го имам , верувајќи дека некому ќе му биде потребен и корисен. Но, сепак спаѓам во категоријата одделенски наставници кои некако сами лутаат во обидите за инклузивно образование во нашата држава. Инклузивното образование кај нас сеуште стои на основа на теорија, а не пракса, се додека големиот број на наставници не добијат соодветни обуки како во пракса да работат со децата со посебни образовни потреби. Ако сеуште во светот на аутизмот се гледа низ призма на недоволно објаснета состојба кај се поголем број деца од година во година, тогаш сериозно се појавува потребата да се обучат наставниците во нашата држава во работата со овие деца. Верувам дека постојат некои пионерски обиди на одреден број на невладини организации во нашата држава кои работат на оваа проблематика, но тоа ни од далеку не е доволно за да работите тргнат на подобро. Јас , а верувам и голем број други наставници во нашата држава се ставени во секојдневна ситуација да „глумат Бог“ во работата со децата со посебни образовни потреби вклучени во инклузивно образование во редовниот образовен процес.Притоа, секојдневно се мачиме самите себеси со прашања од типот „Дали денес работев добро со мојот ученик?“, „ Дали овој период има подобрувања?“ , „ Ќе успеам ли да постигнам се што треба кај останатите ученици?“ ......., безброј прашања на кои најчесто самите се трудиме да го пронајдеме одговорот.И едно според мене многу важно прашање: „Дали инклузивното образование на грб го носи само наставникот? - каде се сите други потребни стручни профили кои ќе дадат важен придонес во развојот и напредокот на овие ученици?

Но, за секој кој вистински ја сака својата работа, колку и да е тешко ќе проба до дел од одговорите да дојде сам, како знае и умее. Оваа и следните статии на темата аутизам се благодарение на пријатели и невладини организации од Хрватска кои споделија доволно материјали. Ако истите не ги споделам и со останатите колеги во нашата држава , би било себично. Верувам дека ќе помогнат да се стекне појасна слика за аутизмот, негови карактеристики, начини на подучување ученици со аутизам, создавање индивидуални образовни планови....

ШТО Е АУТИЗАМ?


Аутизам е општ израз кој се употребува за опишување на група од сложени развојни мозочни нарушувања во развојот познати под иметоПроблем на основно психолошко функционирање (Pervasive Developmental Disorders – PDD). Останатите первазивни нарушувања во развојот се PDD-NOS (неспецифичен - PDD – Not Otherwise Specified), Аспергеров синдром и Дезинтегративно нарушување во детството. Многу родители и стручни лица таа група ја нарекуваат Спектар на аутистични нарушувања. Можат да се сретнат и изразите Класичен аутизам или Канеров аутизам (наречен по првиот психијатар кој го опишал аутизмот) кои се користат за опишување на најтешките облици на нарушувања. Дијагностички и статистички прирачник на ментални нарушувања (Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders) на Американското психијатриско здружение е главниот дијагностички референтен прирачник кој го користат психијатри и осигурителни друштва во Америка. Актуелното (четврто) издание , објавено 1994 година, најчесто аутизмот го именува како „DSM-IV“.Дијагностицирањето на аутизмот бара регистрирање на најмалку шест развојни и бихејвиорални карактеристики, присуство на проблеми пред третата година од животот, како и непостоењето докази за одредени други слични состојби.



Ова здружение аутизмот го дефинира како развојно – первазивно нарушување кое го карактеризираат :


  • Оштетувања во комуникацијата и социјалната интеракција

  • Ограничени, репетитивни и стереотипни модели на однесување, интереси и активности

Станува збор за сложено невролошко нарушување кое влијае на функционирањето на мозокот. Симптомите на аутизмот можат да бидат присутни и во различни комбинации. Некои лица со аутизам имаат нормално ниво на интелегенција, додека повеќето од нив имаат одреден степен на интелектуална неспособност која се провлекува од благо до изразено заостанување. Тој степен на заостанување најчесто се означува како високо функционален аутизам до ниско функционален аутизам.

Земајќи го во предвид експресивниот и рецептивниот говор, можни се низа на потешкотии. Се проценува дека 50 % од лицата со аутизам не се во состојба да развијат функционален говор. Кај оние лица со аутизам кои тоа го можат, говорот може да биде невообичаен ако се земе предвид квалитетот на говорот, а може да имаат и ограничени комуникативни функции.

Сите лица со аутизам имаат потешкотии во социјалната интеракција и однесување, при што степенот и видот на потешкотии можат да варираат. Некои поединци можат да бидат изразено повлечени, додека други да бидат претерано активни, па на луѓето им приоѓаат на невообичаени начини. Нивните проблеми се невниманието и отпор кон промени. На сензорни дразби често реагираат на атипичен начин, па можат да покажуваат невообичаени однесувања како што се ударање со рака, вртење или нишање. Освен ова, тие можат да искажат невообичаени начини на користење на предмети и невообичаена блискост кон одредени предмети.

Иако лицата со аутизам имаат некои одредени заеднички карактеристики, не постојат два исти случаи. Нивното созревање може да доведе до промена на обликот и степенот на потешкотијата. Нивните заеднички карактеристики им помагаат во разбирање на општите потреби кои го следат аутизмот, но исклучително важно е да тие сознавања се комбинираат со познавањето на специфичните интереси, способности и особености на секој поединечен ученик.

Превалентност на аутизмот

Општо прифатено е дека зголемувањето на процентот на аутизмот е помеѓу четири и пет деца на секои 10000 породувања. Сепак, некои нови проценки наведуваат зголемување на околу десет деца со аутизам на 10000 породувања , или кога се работи за широк спектар на потешкотии, 0,01% деца или повеќе. Постои поголема присутност на аутизмот кај лицата од машкиот пол. Процентот варира и зависи од дефиницијата на аутизмот, но истражувањата покажуваат дека односот машки , односно женски лица е помеѓу 3:1 и 4:1.

Причини за аутизам


Причина или комбинација на причини за појава на аутизам не се во целост познати. Постојат се повеќе докази дека аутизмот е генетска состојба и вклучува неколку различни гени. Произлегува дека начинот на генетска трансмисија е исклучително сложен, па научниците во својата работа се насочиле на пронаоѓање на оние гени кои доведуваат до аутизам и на пронаоѓање начини на делување на тие гени.

Исто така, докажано е дека кај децата со аутизам , многу почесто околку кај децата кои немаат аутизам , преовладуваат проблеми во раната бременост кај мајката, при породувањето или дури и по породувањето. Заедно со генетската чувствителност кај детето, значително влијание можат да имаат и настани во текот на раното детство или причинители од средината. Се претпоставува дека мозоците на поединци со аутизам имаат одредени структурни и функционални разлики од мозоците на другите луѓе.


Дијагностицирање на аутизам


Дијагнозата за аутизам ја поставува лекар или клинички психолог кој има специјализирано на подрачјето аутизам. Во идеален случај проценката и дијагностицирањето би требало да го врши мултидисциплинарен тим составен од педијатар или психијатар, психолог и логопед. Психологот своите проценки најчесто ќе ги донесува со собирање информации за развојните нивоа и однесување, логопедот ќе го проценува говорот, јазикот и однесувањата поврзани со комуникација. Бидејќи многу од карактеристиките на аутизмот се присутни и во други видови нарушувања, медицинската проценка е насочена на утврдување на останатите можни причини за постоечките симптоми. Медицинската и развојната анамнеза се добива со помош на разговор со родителите. Добиените информации се поврзуваат со другите проценки за да се добие целосна слика и да се утврдат другите контрибутивни фактори.

Состојби кое се класифицирани како развојно – первазивно однесување (РПО) се :

  • Аутизам

  • Дезинтегративно нарушување на детството ( DPD )

  • Ретово нарушување

  • Аспергерово нарушување

Неспецифично развојно – первазивно нарушување (NRPP)

Критериуми за аутистично нарушување во Дијагностичкиот и статистички прирачник на ментални нарушувања (Diagnostic and Statistical Manual of Mental Disorders) или скратено „DSM-IV“

А. Вкупно најмалку шест ставови од (1), (2) и (3), со барем две од (1), и една од (2) и (3) :

(1) Квалитативни потешкотии во социјалната интеракција кои се забележуваат во две ставки од следниве:

а) изразени потешкотии во примена на повеќекратни невербални однесувања како што се : поглед „очи во очи“, изразот на лицето, положбата на телото и гестови за прилагодување на социјална интеракција

б) неспособност во развивање односи со врсниците примерни на развојното ниво

в) изразено намалено искажување на задоволство за среќата кај други луѓе



(2)Квалитативни потешкотии во комуникација кои се забележуваат најмалку во две ставки од следниве:

а) застој во развојот на говорниот јазик или потполно отсуство на развој на говорниот јазик ( без можни обиди за компензација на говорот со помош на алтернативни начини на комуницирање како што се гестови и мимики )

б) изразени потешкотии во поглед на способностите за иницирање или одржување конверзација со други лица кај поединци чиј говор е примерно развиен

в) стереотипна или репетитивна употреба на говорот или идиосинкратичен говор

г) недостаток на различно спонтано делување со кое се воспоставува доверба или социјално делување со помош на имитирање соодветно на степенот на развој


(3) Ограничени репетитивни и стереотипни облици на однесување, интереси и активности кои се забележуваат барем во една од следните ставки:

а) презафатеност со еден вид или повеќе видови на стереотипни и ограничени интереси кои се необични по својот интензитет и по својот центар

б) очигледна компулзивна предаденост на специфична, нефункционална рутина или ритуал

в) стереотипни и репетитивни моторички манири ( вртење на рака или прст, или сложено движење со целото тело)

г) упорна презафатеност со делови на предмети


Б. Застој или необично функционирање кое се појавило пред третата година од животот барем во едно од следните подрачја:

1) социјална интеракција

2) говорот кој се користи во социјалната комуникација

3) симболично или досетливо однесување


В. Без подобрување во смисол на Ретово нарушување или дезинтегративното детско нарушување.

Останати развојно – первазивни нарушувања (РПН)


Сите нарушувања во рамките на оваа класификација имаат некои заеднички карактеристики, па во работата со децата со такви нарушувања можат да се користат слични образовни стратегии.

Сепак, на некои подрачја постојат разлики како што се број на симптоми, возраста во која е дојдено до нарушувањето и развојните облици на нарушувањето.

Во Британска Колумбија децата кои имаат развојни нарушувања, а да притоа немаат дијагноза за аутизам, можно е во поглед на нивното специјално образование да се препознаат во категорија која најдобро ја одразува нивната медицинска состојба, како и видот и интензитетот на потребните образовни интервенции. Во некои случаи, соодветна категорија може да биде „ученици со интелектуални потешкотии“. Во останатите случаи можат да бидат „сериозни нарушувања во однесувањето“, „умерени нарушувања во однесувањето“ или „ психички потешкотии/ хронично оштетување на здравјето“.


Аспергеров синдром


Аспергеровиот синдром има најмногу заеднички карактеристики со аутизмот. Лицата со Аспергеров синдром имаат потешкотии на подрачјето на социјалната интеракција и стереотипните облици на однесување. Основни разлики помеѓу учениците со аутизам и учениците со Аспергеров синдром е во тоа што децата со Аспергеров синдром немаат клинички значителен застој во раниот јазичен развој ниту значителен застој во когнитивниот развој. Што се однесува до развојот на примерни вештини за самопомош соодветни за животната возраст, прилагодливото однесување и искажување на интерес за средината во текот на детството, овие деца немаат ист степен на потешкотии како децата со аутизам.

Во претходно наведениот прирачник „DSM-IV“ се употребува поимот Асперегерово нарушување. Поимот Аспергеров синдром се користи во склад со современата литература на ова подрачје.




И следните неколку статии ќе бидат посветени на аутизмот, бидејќи заслужува должно внимание и ќе помогне во разјаснување на многу прашања, ќе помогнат во откривање на адекватни начини во работењето со деца со аутистичен синдром, ќе дадат насоки и модели и во поглед на изработка на индивидуални образовни планови.

Фотографиите во статијата се превземени од интернет.

bottom of page