top of page

ПРИКАЗНИ ОД АУТИЗМОТ ЗА АУТИЗМОТ (1)

ФЛАМИНГО


Гледам во мониторот од компјутерот и во работниот лист кој почнав да го подготвувам за Максим за утрешниот ден. Радоста што Максим полека почна да се опушта и да зборува разбирливо ми беше главната мотивација за секој ден што следи. Ама, до доцна во ноќта знаев вака збунето да гледам во мониторот и да се прашувам дали она што сум го смислил за да го активирам и да му го пробудам вниманието за работа е правилно за него. Ќе му го привлече ли вниманието? Ќе ги препознае ли мотивите дадени на работниот лист? Ќе знае ли што се бара од него? Дали да бидат само илустрации кои ќе му ја поттикнат визуелната перцепција, а со тоа и говорот? Вакви прашања се редеа секоја вечер, а следната ќе се појавеше и ново прашање во редицата неодговорени. За утрешната активност по природни науки гледав како на лесна наставна содржина, па се тешев дека ќе ги препознае и барем именува поимите за жива природа. Редев илустрации од животни од различни животни средини – волк, мечка, зајак, куче, орел, папагал, лав, тигар, фламинго. Го завршив работниот лист со една активност – илустрации во боја и контурни цртежи од животните, задача за Максим беше да ги избои. Го испечатив листот и со мисла дека утре ќе биде убав ден со учениците си легнав.

Го пречекав Максим во училишниот двор и се упативме кон училницата. Делуваше поспано и мирно. Го ставивме ранецот на неговото столче, му помогнав да го извадиме приборот за работа од неговиот ранец пред почетокот на часот. Ги трлаше очињата и се прозеваше. Се загледа низ прозорецот и молчеше. Не покажуваше нетрпеливост, раздвиженост и веселост. Часот почна. Во групи на учениците им делев модели на животни, растенија , ги оставив да разгледуваат, истражуваат, а јас седнав до Максим и пред него оставив неколку модели на животни. Се обидов да го насочам неговото внимание кон животните пред него, почнав да издвојувам по едно и да го именувам. Испечатениот работен лист од претходната ноќ се наоѓаше на клупата. Незаинтересирано зема едно од животните во раката , го вртеше без да гледа во него. Погледот сеуште беше некаде надвор, преку прозорецот , без одреден фокус и цел. Го приближив работниот лист надевајќи се дека со него ќе му привлечам внимание. Но, погледот сеуште беше некаде надвор. Решив да го оставам за кратко за да ги проверам останатите ученици во работата. Додека секоја од групите презентираа за своите истражувања, радосни што успешно ги завршиле задачите, одеднаш се слушна во училницата гласот на Максим : Фламингото! Се свртев кон него, а тој со прстот нежно удираше по листот и весело извикуваше : Фламингото! Отидов до него, забележав дека со прстот точно покажува на животното чие име го изговараше. Со прстот покажав друго животно , а од него веднаш излегуваше: Волкот, кучето, мечката, зајакот, мачето, фламингото....! Ги погоди сите , ги покажа точно на илустрациите , ама кога и да го забележеше фламингото, во очите чиниш искри летаа! Лицето му беше украсено со ведра насмевка, поспаноста исчезна, по некое време од напливот на радост со рачињата полека плескаше по клупата. Ги подготвив боичките од приборот, решен да ја искористам радоста во него за да ја сработи активноста на листот. Сам ја извади розевата боичка и веќе претпоставувате, почна да го бои фламингото.

Ги избои сите животни на работниот лист и повторно весело се наврати на него. Весело покажуваше со прстот и гласно го изговараше неговото име. Заедно со учениците ги собравме моделите од животните и растенијата и ги ставивме во шкафчето. Покрај многу дидактички материјали, во него чував и сликовници, боенки, енциклопедии. Извадив една енциклопедија за животните и му ја дадов на Максим. Ѕвончето го означи крајот на часот. Седнав во близина на Максим, а тој како гладно дете ја листаше секоја страница на енциклопедијата, ги изговараше имињата на сите животни кои ги гледаше на илустрациите. Ги погоди сите до едно! Ја изгледа до крај, а потоа пак од почеток. На некои страници се задржуваше повеќе, го гледаше животното на илустрацијата и со прстот покажуваше на истото. И пак, на фламингото се задржа најмногу! Со радост која не можеш да ја објасниш , со сјај во очите и ведра насмевка на лицето. Неговата радост дури привлече другарчиња од одделението кои се приближија до него и го гледаа како ги погодува животните од книгата. Неговата радост беше и нивна во тој момент. Ниту нив не им беше јасно од каде тој извор од него протече токму денес , но беа радосни што и тие , како и јас, гледаме во другарче кое покажува знаења за кои не бевме свесни дека ги има во него. На крајот го наградија со силен аплауз затоа што ги погодил сите животни, а тој весел со прстот покажуваше токму на она што го разбуди денес – ФЛАМИНГОТО!


И неколку години после оваа случка, Максим со исто воодушевување, радост и сјај во очите во својот говор го споменува фламингото. Оваа случка ни ја откри неговата фасцинација од животните, и иако за нас е необјасниво зошто толку често го споменува, потсетник ни е дека токму ова животно ширум ја отвори вратата за комуникација и откривање на скриените знаења кај Максим.


Кај секој ученик постои разлика во говорните способности и нијансите на изразување, додека кај учениците со аутизам присутни се говорни потешкотии и потешкотии во комуникацијата. Кај некои ученици со аутизам потешкотиите се немоќта да се изразуваат со зборови, некои имаат богат речник но со присутни недостатоци во социјалната употреба на говорот (прагматика). Степенот на потешкотии во говорот и социјалната комуникација кај секое дете со аутизам е различно. Некои од нив тешко ги разбираат усните информации,некои тешко ги следат долгите усни упатства или тешко ги меморираат. Притоа, секогаш треба да се има на ум, дека не станува збор за намерно однесување туку за неспособност за комуницирање.

Потешкотиите во говорот и неговата социјална употреба често е придружувана и со други појави:

  • необична положба на телото;

  • невообичаени изрази на лицето;

  • зголемената потреба од изразување на гестови;

  • отсуство на фокусирање на вниманието;

  • отсуство на воспоставување контакт со очите;

  • необична интонација во говорот;

  • разлика во темпото на говор (побавно или побрзо од нормалното);

  • во говорот преовладуваат именките;

  • буквално повторување на говорот на другите (ехолаличен говор);

  • говорот делува бесмислено, но може да претставува некаков обид за комуникација;

  • ограничен речник во однос на потребите на детето или недоволен говор во прилагодување на различни физички средини;

  • изразени потешкотии во користењето на „непишаните правила“;


Фламингото како случка ми даде многу повеќе информации кои се однесуваат за Максим. Колку повеќе размислував за неа, толку повеќе откривав за Максим како дете со аутизам, како дете со свои карактерни црти, како личност со свои добри и лоши страни, како ученик кој го чека својот момент и вистинската мотивација за да ги покаже своите способности и знаења. Ако за момент заборавиме на аутизмот кај него, Максим всушност не се разликува многу од останатите деца. Аутизмот ни го буди стравот од непознатото, а всушност ни покажува дека сме се заборавиле во наметнатите општествени и социјални „калапи“ на однесување. Токму тие калапи некако ни го одземале главното во комуникацијата и однесувањето – покажувањето чувства, искрени, исконски, во нивната сурова и неизделкана форма. Па колку и чудно да ви делува овој мој заклучок, обидете се да бидете искрени кон самите себе. Каква е вашата секојдневна комуникација? Кога последен пат сте „излегле од кожа“ од сосема обичен момент, настан , појава? Кога последен пат сте дозволиле да почувствувате радост од едноставноста? Кога таа радост го облеало вашето тело па ве натерало да скокате и викате од среќа? Кога без кочници сте ја покажале таа радост пред останатите , без да се плашите дека ќе ве „етикетираат“ ? Ако си ги дадовте одговорите, ќе ви речам само „ Токму на тоа мислев !!! :)

А Максим со неговото воодушевување на розевата птица, неговото фламинго кажа многу повеќе :

  • ја открив неговата фасцинација за животните, и неговото „енциклопедиско“ познавање на животинските видови ( колку од вас ќе препознаете гну на слика :) )

  • оваа фасцинација помогна многу во креирањето на работните и наставните листови ( вметнување на слики од животни за формулирање на реченици, броење, собирање и одземање, активности со поврзување и определување на животни средини на животните, исхрана и потомство кај животните.......)

  • животните како поттик на совладување на буквите ( препознавање, именување, пишување), описменување ( читање и пишување)

  • мотивациски активности во подобрување на говорот кој се состоеше само од именки кои во случајот со Максим беа изговарани секогаш во членувана форма ( фламингото, кучето, моливот, чашата......)

  • мотивациски активности во правилна формулација на кратки и јасни реченици ( говорни вежби со помош на илустрации – пр: Кучето лае, зајакот јаде морков, кенгурот скока.......)

  • пишување на кратки и јасни реченици составени од подмет и прирок


  • совладување на односите : лево – десно; горе – долу; над – под (просторни односи)

  • мотивациски активности за броење, совладување на поимите повеќе – помалку со визуелен поттик ( со користење илустрации од животни)

  • совладување на широк спектар на содржини од областа на природни науки каде поттикот беа илустрации со животни

  • користење на едноставни цртежи со контурни линии на животни во подобрување на фината графомоторика кај ученикот;

  • развивање на љубов кон цртањето и боењето;

  • мала библиотека од вакви енциклопедии во училницата е извор на решавање различни моменти ( недостаток на внимание, вознемиреност, мотивација за седење за време на часовите, поттик за употреба на говор, поттик за завршување на задачите)

  • користење на визуелната перцепција во функција на подобрување на говорот

  • имитирање на движења на животните ( голем избор за физички активности , согледување на физичките способности кај ученикот , подобрување на координираност во движењата на екстремитетите и телото)

После сето ова наброено, особено сум му благодарен на фламингото. Таа розева птица во еден краток момент, како илустрација во работен лист, ми отвори неограничени можности за работа со Максим. Фламингото ја откри љубовта кон животните кај него, една негова слаба страна , која мене ми помогна да ја искористам во постигнувањето на се што претходно наброив. Еве го моментот, кој со сета своја едноставност откри многу и направи многу. Тој момент го имаме сите. Сите ние имаме некоја своја слабост, фасцинација или пасија во животот , која низ годините може да менува на интензитет или нијанса. Во мојот живот тоа е музиката, кај некого книгите, спортот, уметноста, кај Максим животните. И токму таа пасија е често пати главниот двигател, кој ни помага да совладаме животни пречки, да постигнеме успех, да паднеме и пак сигурно да застанеме на нозе. Двигател кој некој го направил врвен спортист, познат уметник, музичар, доктор.......

Кога започнав со пишување на приказните, верувајте немав никаква идеја каков наслов да и дадам на книгава. Се додека не дојде редот на оваа приказна. Мојата благодарност кон неговото величество – ФЛАМИНГО!


Оваа приказна е дел од приказните кои се дел од книга во најава, која раскажува за она што јас и моите ученици секојдневно го учиме од Максим. Рефлексиите од секоја приказна се корисни насоки за секој наставник, родител, читател,

bottom of page