top of page

ПРИКАЗНИ ОД АУТИЗМОТ ЗА АУТИЗМОТ (2)

ПРАЗНО СТОЛЧЕ

Кога во одделението имаш ученик кој е вистински пример за другарство, несебичен, искрен и секогаш спремен да ги прифати останатите, тогаш си посебно среќен.Особено што ова современо општество децата уште од мали ги навикна да другаруваат сами со себе и модерните уреди. Таков пример за вистински другар во сегашната генерација ученици е Кристина. Меѓу сите ученици, таа ја има клучната улога во прифаќањето на Максим во одделението. Уште додека одела во градинка ја имала можноста да биде во иста група со него, па од мали нозе била воодушевена од неговата појава и различност. Сосема случајно, се погодија со Максим да бидат во исто одделение. На почетокот, додека повеќето ученици не можеа да го разберат однесувањето на Максим, Кристина на секој одмор, со насмевка на лицето му приоѓаше, го галеше и гушкаше. Иако знаеше дека тој не и обрнува внимание, не и приоѓа сам и со желба, таа постојано го чекаше секој одмор за да се дружи со него. Максим, понекогаш без никаква реакција стоеше и не се бунеше на нејзиниот отворен пристап за дружење, понекогаш со весели очи ќе и возвратеше на нејзините постојани обиди за игра, а ретко и да и врати на гушкањето со гушкање. Понекогаш , и јас останував збунет од нејзината упорност за дружење со Максим. Знаеше да се откаже од играњето со останатите ученици за време на одморите и слободното време да му го посвети на него. Во таквите моменти, едно нешто ми „бодеше“ во очи. Во секое нејзино дружење со него, ја забележував истата радост во очите која ја имаше Максим, која во првата година беше тешко да се разбуди. Тогаш, во мојата училница имав два пара „весели“ очиња кои зрачеа низ целата училница. Токму тоа зрачење, од нив двајцата во моменти на дружба, беше иницијалниот момент за останатите ученици да се опуштат и да го прифатат Максим. Радоста која Кристина ја покажуваше во дружењето со него, некако спонтано допре до останатите ученици. Таа радост ги ослободи од стравот, непознатото , непредвидливоста во однесувањето на Максим. Таа радост, како сигурна рака ги подбутнуваше учениците послободно да му пријдат на Максим и да се обидат да комуницираат со него. Ден по ден, месец по месец, обид по обид, Максим стануваше поотворен на приоѓањата на другарчињата од одделението. На одморите знаеше и тој да пријде на некое од децата во одделението, да го гушне , допре, да го погали по лицето или во лице да го погледне со своите весели очиња. Стравот кај децата исчезна, обидите преминаа во спонтаност и потреба да се даде и возврати со внимание. Со оглед дека Максим немаше ниту ментор, ниту придружник во наставата, седеше во прва клупа и резервно столче на кое седев со него во сите индивидуални активности на часовите. Понекогаш свесно знаев, седејќи со него на тоа столче да одговарам на поставените прашања на учениците и напоредно да работам со него. Седеа и другарчиња со него за време на часовите, се менуваа по нивна желба , а на моја радост.Во трето одделение на почетокот на годината ги прашав учениците кој сака да седи со Максим во иста клупа. Не бев изненаден што сите кренаа раце, ниту пак изненаден што Кристина беше прва во кревањето рака. Во тие три години, Максим создаде длабока врска со неа. Спонтано, тој и дозволи да влезе во неговиот свет или пак тој си дозволи да влезе во нејзиниот. На одморите знаеше сам да и пријде, да ја гушка и гали по косата и лицето. Додека пишуваше на часовите, знаеше да прекине со работата и да отиде до нејзиното место. Сосема неочекувано за мене, а за него веројатно спонтано, на еден голем одмор додека ја гушкаше гласно изговори „Кики“. Така нагалено ја викаа сите ученици во одделението.Го изговори уште еднаш, насмеан и весел. Кристина беше и среќна и изненадена. Бев и јас! Откако го слушна нејзиното име како излегува од неговата уста , уште посилно почна да го гушка и да го гали. Искрено, не постојат доволно зборови во било чиј речник за да се прераскаже силината на емоциите во една ваква случка. Ваквите случки вреди да ги доживееш, да ги почувствуваш, да те наежат до мозокот и назад. Ваквите случки се за глобално доживување, за ние возрасните да имаме пример од кој треба да учиме за другарството и рушењето ѕидови и бариери.

Неколку дена после оваа случка, Кристина ме замоли да седи со Максим на часовите и притоа јасно искажа дека тоа сака да биде до крајот на годината. Немав срце да одбија ваква отворена желба. Не после се што токму таа направи со нејзината спонтаност, отвореност и искреност.

Крајот на полугодието не е само време за проверки, оцени и учење. Време е на вируси, температури, сипаници, отсуства. Се случи Кристина да отсуствува од настава цела недела како резултат на таквите промени. Празното место во тек на нејзиното отсуство го заменував јас за да го мотивирам Максим во извршувањето на задачите за секој час. Последниот ден од работната недела, додека ги заведував часовите во дневникот, Максим, кој седеше пред мене на неговото место, со закован поглед гледаше во празното столче до него. Изговори неколку негови меморирани фрази кои веќе ги толкував како наплив на зборови без ред , но со обид да се искаже нешто. И , одеднаш, сеуште со фиксиран поглед на празното столче, изговори : „Кики, Кики!“ Занемев!!! Првпат Максим покажа дека на него му недостасува некој. И тоа не било кој,туку Кики.

Ваквите моменти се позитивни тектонски поместувања во срцето и душата кои ти создаваат радосна аритмија. Максим за првпат покажа дека му недостасува некое другарче од одделението, покажа дека некој недостасува во неговиот свет. Го затворив дневникот, седнав до него, заедно го спремивме приборот за работа и тивко неколку пати му повторив: „Кики наскоро ќе се врати!“


Неправилно осмислената инклузивна политика во училиштето, силно се одразува на работата на наставникот со ученик со посебни потреби во одделението. Најмногу од причина што, доколку истата е поставена само на хартија или воопшто ја нема, тогаш самата инклузија како процес е во целост оставена на грбот на наставникот. Оваа приказна всушност, укажува на еден од првите чекори во планирањето на ефективна и квалитетна инклузивна политика. Соработката со градинките, присуството на вклучени деца со посебни потреби кај нив, интеракција на други деца со нив, позитивни искуства во таквата социјална интеракција. Секако, ова би значело дека треба да се очекува сериозен мониторинг на децата со посебни образовни потреби и во овие институции, за училиштата можат да добија квалитетни информации во инклузијата која ќе следи. Информации кои ќе помогнат во квалитетно планирање и поставување на стабилни темели на инклузија во основните училишта.

Во приказната со необичното и длабоко пријателство меѓу Максим и Кристина, нивната силна и секако позитивна интеракција и дружење, во мојот случај би рекол дека е повеќе игра на среќа. Тешко е да измери човек кому повеќе му користела. На Максим кој со својата состојба не секогаш еднакво и враќал на нејзиното дружење или на останатите ученици во одделението за да пристапат поотворено и послободно во прифаќањето на Максим. Затоа, ова не треба да биде игра на среќа, туку сериозен пристап во поставувањето на квалитетни темели на инклузивна политика во училиштата. А што добив јас како наставник од оваа случајна игра на среќа:

  • Кристина како најдобар соработник на наставникот во обидите Максим да биде еднакво прифатен од останатите ученици;

  • Тој најдобар соработник имаше само шест години кога ја започна својата улога на ширење на другарство без граници;

  • Промотор на „ различен си , затоа те сакам“ – лекција која многу од возрасната популација во нашата држава никако да ја научат;

  • Поттикнувач кај сите деца во обидите на прифаќање и комуникација со Максим;

  • Опуштеност на учениците во различните однесувања кај Максим, како за време на часовите, така и за време на одморите;

  • Подигање на степенот на свесност за помагање: сите ученици развија желба, а не одговорност во потребата да се помогне;

  • Несебичност кај сите ученици – сите подеднакво го прифатија како дел од одделението ( делење место со него, одење во строј со него, делење ужинка , прибор, секогаш поканет на роденден од страна на сите ученици, место резервирано од неговите другарчиња при посета на театар или кино);

  • Развивање на високи морални вредности кај останатите ученици на спонтан и искрен начин;

  • Испраќање на позитивен сигнал до останатите одделенија и ученици во училиштетот дека ние сите заедно функционираме супер;

  • Ширењето на позитивната инклузија во нашето одделение до сите клучни фактори ( стручна служба, родителите на останатите ученици, на роденденските веселби, на присутни родители во училишниот двор – индиректно , до целата средина);

  • Моментот дека упорноста, спонтаноста и искреноста секогаш дава позитивни резултати – момент кога Кристина успеа така едноставно да допре до Максим;

  • Будење на чувство „ми недостигаш“ кај ученик со аутистичен синдром – нешто од кое сеуште сум восхитен и без зборови;

  • За аутизмот времето нема особена важност, ниту влијание, ама еден збор има клучна важност, се вика ТРПЕНИЕ!

  • Создавањето на длабоката врска помеѓу Кристина и Максим е неверојатен поттик кај останатите ученици да постигнат повеќе во комуникацијата со него, а кај Максим одлична средина во која се повеќе се чувствува свој и прифатен;

  • Намалена потреба кај Максим за повлекување во себе, а се почеста изразена слобода и желба спонтано да пристапи кон секое другарче во одделението;

  • Сериозна порака на средината , особено на групни прошетки и посети : Сите ние сме ЕДНАКВИ и РАЗЛИЧНИ! Обидете се и ВИЕ!


ЧУДА се случуваат! За нив се обидувам да раскажувам овде!

bottom of page