top of page

25 КНИГИ НА ТЕМА АУТИЗАМ

Овие 26 книги зборуваат на тема аутизам. Повеќето од нив не се книги за дијагностика, третмани , совети и причини за аутизмот. Книгите се романи инспирирани од вистински настани, за луѓе со аутизам , нивните проблеми и проблемите на нивните семејства, каде доста искрено и отворено се искажани потешкотиите на децата со аутизам , потешкотиите на нивните семејства, најмногу во поглед на однесувањето. Дел од книгите се од хрватски и босански автори, а останатите се од странски автори кои најчесто можат да се најдат напишани на англиски јазик. Кај нас мислам дека само една од наведените книги е преведена на македонски јазик, останатите можат да се најдат за нарачка и преку Интернет.Затоа, истите ќе бидат претставени во нивниот оригинален наслов со цел полесно да можете да ги пронајдете за нарачка.


1. Davina - Moja kišna devojčica

Давина е псевдоним на авторката која ја пишува оваа вистинска приказна. По завршувањето на факултетот стапува во брак со Германец и денес со семејството живее во Германија. Потекнува од Босна, како и нејзината посвоена ќерка. Овој роман е приказна за трпението, силата на волјата и силна приказна за безусловната мајчинска љубов. Нејзината посвоена ќерка е дете со посебни потреби, а романот зборува за потешкотиите на ова семејство, но и за нивната среќа и нормално функционирање.

2. NAOKI HIGASHIDA – THE REASON I JUMP

( македонскиот превод е „Зошто сакам да скокам“)

Книгата е напишана од самиот Наоки, кој е тринаесетгодишно момче со аутистичен спектар на однесување. Книгата пишувана во форма на мемоари, зборува за самиот Наоки , кој не воведува во светот на лицата со аутизам давајќи искрени и отворени објаснувања како тој размислува, чувствува, доживува и реагира. Напишана на едноставен јазик, дава можност да се разбере однесувањето на лицата со аутизам и одговори на доста прашања во поглед на однесувањето и прифаќањето на светот околу себе.


3. Dalibor Talajić - Most ponad burne rijeke


Авторот на оваа книга по професија е музичар и цртач на стрипови, но и татко на момче со аутистичен спектар на однесување. Раскажува за неговото соочување, прифаќање и борба со инвалидноста на неговиот син, но и силната борба со апсурдите на здравствениот систем.


4. Kristine Barnett - Iskra : kako sam u autističnom sinu pronašla genija


Oвој роман е животна приказна на жена која се соочила со состојбата на својот син. Кога на нејзиниот син е утврден тежок облик на аутизам со обесхрабрувачки прогнози за неговата иднина, мајката одлучува да ја следи искрата која ја забележала во умот на својот син, да ја развива и да ја поттикнува со развој надвор од образовните институции. Притоа ја открива силата на неговата генијалност, особено на подрачјата на предметите физика и математика.


5. Jennifer Moore-Mallinos - Moj brat je autist

Оваа приказна е во форма на сликовница, која ни ја носи приказната на едно момче, чиј брат Бруно има аутистичен спектар на однесување. За да го заштити својот брат, но и себе од неразбирањето на неговите врсници, момчето ја замолува својата наставничка да им објасни на учениците во училиштето што е аутизам. Оваа сликовница го поттикнува разбирањето и прифаќањето на децата со потешкотии во развојот и укажува на проблемите со кои секојдневно се сретнуваат нивните семејства. На крајот од сликовницата е вклучен корисен додаток за родители и воспитувачи.


6.PATRICIA STACEY – DJEČAK KOJI JE VOLIO PROZORE


Оваа книга носи исклучително вредни увиди и методи кои им помагаат на аутистичните деца и децата со потешкотии во развојот во сензорната интеграција, да се развиваат правилно и да зачекорат во светот. Книгата ги следи искуствата на едно семејство кое силно и храбро се бори со цел на својот син да обезбеди богат и емоционално исполнет живот.



7. ANN M. MARTIN – INSIDE OUT


Оваа книга ја раскажува приказната за животот на Џонатан, единаесетгодишно момче чиј брат Џејмс има аутизам. Раскажува за неговото жртвување кое тој и неговото семејство го доживуваат за да Џејмс може да посетува училиште за аутистични деца.




8. NORA RALEIGH BASKIN – ANYTHING BUT TYPICAL

Дејството во книгата е раскажано од перспективата на дванаесетгодишно момче со високофункционален аутизам. Џејсон е воодушевен од новата пријателка Ребека која ја запознал на социјалните форуми. Го мачи чувството на загриженост од можната средба со Ребека во живо.


9. D.S. WALKER – DELIGHTFULLY DIFFERENT

Главен лик во книгата е Миа, музички надарено дете, со импресивен вокабулар, но со силно чувство на вина наметнато од нејзината училишна советничка затоа што има Аспергеров синдром. Одлуката на Миа е да и докаже на нејзината советничка за нејзиниот погрешен став и однос кон неа, наместо да се повлече.

10. EVAN JACOBS – SCREAMING QUIETLY

Иан е момче кое живее двоен живот. Во училиште е член во рагби тимот и во врска со популарна навивачка. Дома се грижи за својот аутистичен брат по разведувањето на нивните родители. Што ќе се случи кога двата света ќе се судрат?

11. CYNTHIA LORD – RULES

Дејството во оваа книга ја следи дванаесетгодишната Катерина и нејзиниот однос со помладиот брат, Давид, кој има аутизам. Подучувањето на правилата за живот ја тера Катерина често да се запрашува што всушност е „нормално“.


12. ANN M. MARTIN – RAIN REIGN

Роуз е девојче во петто одделение, има Аспрегеров синдром и обожава хомоними. На своето домашно милениче, кучето Реин му дава два хомоними ( Reign, Rein). Кучето во нивното семејство го носи нејзиниот татко, кој го нашол изгубено надвор. Роуз и Реин стануваат неразделни, многу од времето го поминуваат сами, со оглед што нејзиниот татко нема трпение да се грижи за своето дете со посебни потреби па времето најчесто го поминува во локалниот бар. Еден ден кучето ќе се загуби , а Роуз ќе тргне да го бара, иако тоа за неа значи напуштање на секојдневната рутина и своето сигурно опкружување.

12.ANN M. MARTIN – A CORNER OF THE UNIVERSE

Приказна за дванаесетгодишната Хети која се поврзува со својот вујко по неговото враќање од институција поради состојбата предизвикана од аутизам и шизофренија.


13.KATHRYN ERSKINE – MOCKINGBIRD

Приказна за девојчето Кејтлин која е петто одделение и има Аспергеров синдром. Кејтлин живее во црно - бел свет. Но , тој свет ќе се сруши кога нејзиниот брат ќе загине во престрелка во училиштето. Кејтлин мора да пронајде начин како да продолжи да го живее својот живот без него.


13. COLBY RODOWSKI – CLAY


Единаесетгодишната Елза и нејзиниот помлад, аутистичен брат ги киднапира нивната емоционално нестабилна мајка. Елза мора да го прифати ризикот за да го спаси својот брат и себеси.


14. SHIRLEY REVA VERNICK – REMEMBER DIPPY


Џони е преплашен што летниот распуст треба да го помине во друштво на постариот братучед кој има аутизам.Но, летото станува лето на неговиот живот колку повеќе се зближуваат, благодарејќи им најмногу на заедничките доживувања.


15. ASHLEY EDWARD MILLER – COLIN FISCHER

Главен јунак во книгата е Колин Фишер. кој е високоинтелигентно момче и кој користи картички за да ги препознава емоциите на лицата преку нивните изрази на лицето. Станува модерен Шерлок Холмс кога ја истражува мистеријата на оставениот пиштол во училишната кантина.


16. CAMMIE McGOVERN – EYE CONTACT

Адам е деветгодишно момче, невербално дете со аутизам, кој е сведок на напад во кој е убиено негово другарче. Само мајката на Адам може да го протолкува неговото однесување која помага во расветлувањето на убиството.


17. EMILY FRANKLIN – THE HALF-LIFE OF PLANETS

Лиана е истражувач на планети и ѕвезди, но и зависничка од бакнежи. Хенк никогаш не се бакнувал. Тој е паметен, духовит, но чуден во друштво бидејќи има Аспергеров синдром. Секој има свои планови за летото, но што ќе се случи кога ќе се сретнат, а плановите пропаднат? Оваа приказна е раскажана од перспектива на двајцата.


18.GENNIFER CHOLDENKO – AL CAPONE DOES MY SHIRT


Дејството во книгата се одвива далечната 1935.година. Дванаесетгодишниот Мус Фланаган се откажува од играњето кошарка за да се посвети и грижи за својата сестра која има аутизам и е исфрлена од училиште, додека нивниот татко работи како електричар во затворот Алкатраз.

19. SIOBHAN DOWD – THE LONDON EYE MISTERY


Главен лик е Тед, дванаесетгодишно момче со Аспергеров синдром. Тед се приклучува на постарата сестра и семејството во потрага по исчезнатиот роднина. Постарите не ги слушаат нивните предлози, па Тед го вклучува својот необичен начин на размислување, вештините на следење на броевите, податоци и време за да го пронајдат својот роднина.

20. Alyson Beytien - Autism every day

Алисон е мајка на три момчиња од кои едното има Аспергеров синдром, второто високо функционален аутизам и третото аутизам. Оваа книга е и водич кој комбинира реални животни приказни со предизвици и успеси со практични идеи како да се носи родителот со аутизмот секојдневно. Во книгата Алисон нуди над 150 испробани и ефективни техники за дома, во училиште и во средината на живеење.


21. FRANCISCO X. STORK – MARCELO IN THE REAL WORLD


Марцело има 17 години , со Аспергеров синдром, слуша музика која никој не ја слуша и е опседнат со религија. Неговиот татко го присилува да работи на поштенскиот оддел во неговата правничка фирма за да може Марцело да го почувствува „вистинскиот живот“. Марцело таму успева да научи што е љубомора, натпреварување, бес и завист. Но она што навистина го поврзало со светот е сликата која ја пронашол.




22. Azra Ljaić - Pekaz - Moja nevidliva priča

Книгата зборува за сведоштва за аутизмот.


23. Barbara Tschirren, Pascale Hächler, Martine Mambourg - Ja sam Lovro : kako djeci objasniti autizam


Ова е проблемска сликовница од серијалот „Сега разбирам“ кој содржи терапевтска приказна за аутистичното момче Ловро кој за своето секојдневие раскажува во прво лице. Неговото дожувавње на светот е едноставен и прилагоден јазик за деца.



24. Robert Melillo - Isključena djeca : revolucionarni program koji pomaže mozak djece s autizmom, disleksijom, ADHD-om i drugim neurološkim smetnjama dovesti u ravnotežu


Ова е книга на стручњакот за неврологија др. Роберт Мелил во која на едноставен и разбирлив начин ја опишува својата програма за рамнотежа на мозокот. Авторот објаснува што се случува во мозокот на децата со Аспергеров синдром, АДХД, дислексија, аутизам и други невролошки пречки, ги опишува нивните предизвикувачи, и преку својата програма нуди решенија во облик на третмани која на тие деца , но и на нивните семејства ќе им го подобри квалитетот на живеење. Книгата е наменета на родителите со споменатите невролошки пречки, но и на оние кои се вклучени во животот на тие деца.



25. Lester Jem - U tišini


Бен и Ема се родители на десетгодишното аутистично момче Џон. Ема врши притисок на својот сопруг да го сместат Џон во специјализирана установа, но Бен упорно не го прифаќа предлогот на својата сопруга. Со тек на времето нивниот однос заладува, па Бен со својот син се сели кај неговиот татко. И двајцата кон Џон се однесуваат со многу љубов и трпение, борејќи се со секојдневните потешкотии. Наскоро ги посетува социјален работник која на Бен му сугерира дека за неговиот син кој има високофункционален аутизам , најдобрата помош може единствено да ја добие во специјализирана установа. Ова е впечатлива семејна приказна во која и покрај насловот, владее голема галама од емоции.




bottom of page