top of page

ХИПЕРАКТИВНИ ДЕЦА - СОВЕТИ ЗА НАСТАВНИЦИ


Академското достигнување е еднакво важно за хиперактивното , како и за секое друго дете. Хиперактивните деца имаат потреба од повисоко ниво на структура во ситуација на учење. На детето може да му се помогне, така што со него ќе се договори секојдневен распоред и рутина во извршувањето на училишните задачи. Во одделенската средина добро е да се поттикнат сите деца, а со тоа и хиперактивното дете, да го забележат она што го имаат за задача, а наставникот одвреме навреме треба да проверува дали детето се забележило..


Се препорачува хиперактивното дете да се смести во прва клупа и да се поттикнува да има што помалку работи на клупата. Имено, во прва клупа тоа посилно ќе биде фокусирано на наставникот, а со тоа помала е можноста за интеракција со другите деца во текот на наставниот час.


Пожелно е детето да не седи покрај прозорецот или вратата бидејќи надворешните стимули силно ќе влијаат на вниманието на детето.


Во текот на наставниот час добро е да му се поставуваат повеќе потпрашања на хиперактивното дете, со цел да се врати неговото внимание на наставниот процес. Исто така, важно е да се насочи кон позитивното, на она што детето го направило, на задачите кои успешно ги завршило, а не на она што не го направило или во што погрешило. Насочувањето на позитивно ја зголемува мотивацијата кај детето и го зајакнува неговото чувство за компетенција и постигнувања.


Поголем број на потешкотии со хиперактивни деца произлегува од нивната намалена способност да ги следат правилата, поради што доаѓа до нарушување на дисциплината во одделението.

Иако секое хиперактивно дете е единствено, постојат некои принципи кои ќе го олеснат почитувањето на одделенските норми кај самото дете, а со тоа воедно ќе се олесни работата на наставникот и на останатите деца:



  • Објаснете ги правилата на однесување на децата во одделението. Правилата се важни и секако важно е на децата да им се даде информација што очекува наставникот од нив. Тие правила треба да бидат позитивни, изразени во посакувани термини на однесување. Пожелно е да се напишат и истакнат, така да можат да ги видат сите деца. Не се препорачува да се истакнат повеќе од пет правила.

  • Особено важен е акцентот на поткрепување на посакуваните , позитивни однесувања. Повратната информација за однесувањето на учениците мора да следни непосредно по однесувањето, и да биде поврзана со специфичното однесување ( на пр. кревање рака кога детето сака нешто да каже). Со детето можете да се договорите околу составот на награди, што може да вклучува повеќе можни награди, со што на детето му се овозможува одредена слобода на избор.

  • Воспоставете со детето јасна хиерархија на санкции за непожелно однесување, бидејќи тоа му овозможува да добие повратна информација за своето однесување и за „следниот чекор“. Во таа хиерархија вклучете и планирано игнорирање и временска ограничена пауза.

  • Пофалете го и охрабрете го позитивното внимание.

  • Комуницирајте со детето на асертивен начин, јасно изразувајќи ја својата потреба на неагресивен начин. Одбегнувајте потсмев,предавања или критикување.

  • Разликувајте ја неможноста од непослушноста. На пр. кога детето ќе каже „не знам“ или „не можам“, тоа има потреба од подучување или помош. „Не сакам“ бара претходно договорена санкција.

  • Имајте приоритети. Не се фокусирајте на повеќе од три однесувања одеднаш.

  • Игнорирајте ги непожелните однесување за да можете да ги отстранете од детскиот репертоар на однесување, а со самото тоа го оневозможувате детето да ги употребува за привлекување негативно внимание.

Правила во учењето:


- Поделете го материјалот на помали делови. Поставените цели во учењето треба да бидат реалистични и остварливи.

- Кај академскиот успех на хиперактивните деца планирањето е исклучително важно.Планирањето на детето му дава структура и му го олеснува учењето.

- Сложените упатства при решавање на задачи или тестови, поделете ги во повеќе едноставни упатства. Прашајте го хиперактивниот ученик да повтори што треба да работи за да го проверите разбирањето на задачите. Кај помалите деца се препорачува упатствата да се даваат едно по едно.

- Преферирајте усно испрашување. Хиперактивните деца постигнуваат подобри резултати и подобро ќе го покажат своето знаење со усно одговарање. Намалете го бројот на писмените задачи, и ако е потребно, продолжете го времето за работа кај хиперактивното дете.



Кога давате упатства на целото одделение, застанете покрај хиперактивниот ученик додека го работите тоа. За објаснување на задачите користете ја неговата книга или тетратка како пример.

Хиперактивните деца често имаат ниско самопочитување кое доведува до одбегнување на работата во училиште од стравот од неуспех. Многу често овие деца имаат потешкотии во учењето, не поради недостаток на способност, туку поради емоционални потешкотии. Ако ученикот постигне лоши резултати, намалете го обемот на зададениот материјал, а не неговата тежина. Исто така, кај овие деца корисно е насочувањето на позитивни карактеристики и постигнувања.

Кај хиперактивните деца може да се намали фрустрацијата во тек на наставата со овозможување на кратки паузи, или излегување од одделението. Исто така, таквото дете може да добие и некои посебни обврски, како што е водење грижа за кредата или сунѓерот, кои му овозможуваат промена на активности и му даваат чувство на важност и ја намалуваат напнатоста и немирот.


Хиперактивните деца имаат потреба за пријатели еднакво како и другите деца. Понекогаш тие немаат адекватни социјални вештини или ги употребуваат на погрешен начин. Социјалните вештини можат да се научат и да се развиваат и во одделенската средина, од кои корист ќе имаат сите деца.

Во одделението , преку игра и слободни активности можете:


  • Да ги поучувате децата на ненасилно решавање на конфликт,

  • Да ги поучувате децата на асертивност,

  • Да се поттикнува развојот на социјалните вештини преку работа во мали групи. Таквата работа бара постојано следење на процесите кои се одвиваат во тие мали групи. Направете флексибилни групи со што ќе овозможете хиперактивните деца да работат со други деца,

  • Поттикнувајте ги децата меѓусебно да си помагаат (на пр. меѓусебно да си помагаат во математика,читање); тие активности треба да се надгледуваат и се препорачува децата наизменично да учествуваат во тие активности,

  • Поттикнување ситуацијата да се согледува и од друг агол,

  • Бидете модел преку кој децата можат да ги учат добрите социјални вештини и сами употребувајте позитивни коментари за работата на ученикот, неговата интеракција и атрибути,

  • Промовирајте го правилото дека секој ученик е еднакво вреден член на групата; настојувајте да ја поттикнувате соработката во одделението.


Хиперактивните деца се деца кои бараат исклучително многу внимание. За наставниците е важно на ум дека тие деца имаат сериозен проблем. За многу луѓе таа перспектива е силна страна бидејќи не станува збор за слепост, глувост, инвалидитет или церебрална парализа. Но, иако на прв поглед се чини дека со хиперактивните деца физички е се во ред, специфичниот начин на функционирање на нивниот средишен нервен систем создава повеќе проблеми во нивното секојдневно функционирање. Хиперактивното дете успешно ќе учи во средина која ги поддржува индивидуалните разлики во флексибилниот, структуриран настап, додека насочувањето на разликите ќе доведе до нивна стигматизација и осамување. Важно е разбирањето и адекватното реагирање на успесите на детето и нивното вреднување. Хиперактивните деца добро реагираат на згрижувачкиот став на наставникот, и како последица на тоа, се високо мотивирани и постигнуваат високи резултати.



За успешно образование на хиперактивно дете од исклучително значење е соработката на родителите и наставникот. Родителите треба да бидат запознаени со училишната рутина и очекувањата кои се поставени пред детето. Меѓусебната поддршка на родителите и наставникот е пресудна, и двете страни можат да научат една од друга: за ефективните начини на решавање на некои непосакувани однесувања, силите на детето и позитивните страни, мотивацијата на детето. При тоа, освен отворената и ефективна комуникација, оваа соработка може да биде корисна во размена на информации за постигнувањата, задачите или можните потешкотии.

( Објавените материјали преведени на македонски јазик се одобрени од Хрватското здружение за дислексија од Загреб, а сликите се позајмени од интернет. )

bottom of page