top of page

ПРАЗНА ПРОДАВНИЦА





Поминувајќи по улица случајно на излогот од една продавница со мат стакла со големи букви забележав натпис : ПОВЕЛЕТЕ, СЕ Е БЕСПЛАТНО! Знам , гагаџиски народ сме, ама мене единствено нешто што ми го привлече вниманието беше празниот простор пред влезната врата.Немаше ниту еден човек пред влезот , а и кругот пред продавницата и улицата беа комплетно празни. Каков народ сме , просто на очите не си веруваш. Некако се убедував дека сум будала ако влезам, внатре е сигурно некоја „скриена камера“ , мајтапење, оти такви сме си ! Ама ај контролирај го љубопитството!

Мат стаклата не даваа можност да се види внатрешноста на продавницата. Полека ја повлеков кваката , тивко ја отворив вратата и повторно со очекување дека внатре сепак ќе сретнам народ, влегов. Продавницата беше полна со полици и рафтови на кои беа наредени кутии со еднакви големини, спакувани во украсна хартија и големи машни. Оној кој се погрижил да ја наполни и уреди продавницата , ептен се потрудил да го задржи погледот на секој кој ќе влезе внатре. Ама чудно, внатре немаше никој. Ниту купувачи , ниту продавачи. Полна со производи, ама празна од луѓе. На крајот од левиот агол имаше пулт на кој стоеше мала бела табла. Се приближив до пултот и забележав што беше напишано на истата.

ПОЧИТУВАНИ ПОТРОШУВАЧИ!

Сите наши производи се бесплатни за вас. Има само едно правило кое треба да го исполните за нештото да биде бесплатно : Земете го она што навистина го немате.Бесплатни се и повеќе производи, но само почитувајте го правилото ! Останав без текст! Се приближив до полиците со спакувани кутии. Така спакувани, на ниту една не бев во состојба да и ја видам содржината , односно производот. Како можев да знам што има внатре, а го немам. Додуша, знам дека ми фалат доста работи, ама како да знаеш која кутија го има она што го немаш. Земав една кутија, почнав да ја вртам од сите страни кога на дното забележав лента со златни букви на која пишуваше СРЦЕ! Уште повеќе збунет! Ја земав кутијата до неа, на која на дното повторно со златни букви пишуваше ДУША! На следната ЉУБОВ, на првата од вториот ред ПОЧИТ, се редеа лентите со златни букви: РАЗБИРАЊЕ, СОЧУВСТВО, БЛАГОДАРНОСТ, ДОБРИНА, ЧОВЕЧНОСТ,СРЕЌА........ Сите кутии налик една на друга по боја, исти по тежина, исти по големина. Верувам ќе бевте збунети исто колку и јас. Збунето почнав да се вртам , небаре некој со камера ме демне од некој скриен агол и ме снима. Дури и се охрабрив па викнав: Има ли некој? Прашањето само се охрабри да се одбие од ѕидовите и толку. Полека ги вратив кутиите на место, не се охрабрив да земам ниту една и полека се упатив кон излезот. Уште еднаш се свртев со погледот кон внатрешноста барајќи некој да излезе и да ми рече дека ова е некаква шега. Се беше исто, полиците и рафтовите полни , но луѓе нема. Застанав надвор пред вратата со мислата како и било на Алиса во земјата на чудата. Го упатив погледот на другата страна на улицата каде на крајот имаше голем шопинг центар. Пред влезот се вееја знамиња со натписи : ГОЛЕМА РАСПРОДАЖБА! НАЈГОЛЕМИ ПОПУСТИ НА НОВИТЕ МОДЕЛИ! Пред влезот толпа луѓе која влегува со буткање, излегува пак со буткање и полни кеси! Автомобили свират за штотуку ослободени паркинг простори за да ги превземе следните! Во тој момент не ми светна сијаличката над глава како во цртаните. Ми се ороси челото од она што силно го гледам секој ден! Па кому му е потребно нешто што не може да го облече, прошета, покаже и пофали колку е скапо, брендирано и тренд.Кому му требаат еднолични кутии со нешто што е убеден силно дека го има, или да собере храброст да си признае на самиот себе дека го нема! И да, ништо од бесплатното едноставно не може да го краси денешниот човек! Да го облече и да се кипри пред другите! ОТИ; ТАКВИ СМЕ СИ!

Автор на текстот: Иле Михајловски



bottom of page