top of page

САКАМ АУТИЗАМ !



Ма колку и да боли кажаното, сакам да имам АУТИЗАМ! Сакам, за да се радувам на зелената трева, отколку на зелената боја на завист кај луѓето. Да се радувам на бојата на секој расцветан цвет, отколку на модрата боја на љубомора кај луѓето. Да ги наполнам градите со мирисот на липа, наместо да ме гуши мирисот на омраза. Да уживам во топлината на сончевите зраци, наместо да ме ладат „топлите“ погледи од средината. Да се извикам силно и да ги пуштам гласните жици до максимум, отколку да го собирам талогот на незадоволство од постоењето! Да се вртам како рингишпил слободно и без стега, отколку да го грчам телото од намерно стегање на рефлексите болни за правдина. Да плескам со рацете од радоста што постојам и се чувствувам, отколку да плескам и аплаудирам на ниски страсти за големи „вредности“. Да го пуштам и залутам погледот далеку во ридовите и планините, отколку да се залутам себеси барајќи мир во луѓето и средината. Да ги испружам рацете и да гушкам кога сакам, отколку да ме гушкаат од сожалување , да гушкам оти ми се гушка , оти на другите не им доаѓа од срце, туку од навика. Да се исклучам додека работам , за да се наполнам со желба и мотивација, отколку да се испразнам од себепочитување. Да зборувам отсечно, дури и ограничено, за да се потрудат другите да ме разберат во едноставноста на разбирањето. Да слушам толку колку е потребно, за да не ме заведе слаткоречивоста на празните зборови на уште попразните луѓе околу мене. Отсечно да кажам „не сакам“ за да се задоволам со основното „сакам“, отколку да дозволам овие две фрази да имаат измешано значење во мојот говор. Оти моето „не“ ќе биде не , а вие останатите околу мене ќе научите дека „не “ никако не може да биде „да“. Да се радувам на задоцнетото учење на возење велосипед, отколку да ме убива предвременото возење на автомобил во алкохолизирана состојба. Да ме смирува познатиот мирис на омекнувач на алишта, отколку да ме вознемирува мирисот на напнатост и неподнесување. Да се радувам на театарски претстави, отколку на ранопубертетски кафански дружења. Да играм на звукот на омилената песна , наместо да ми се грчи телото на искривено генерациските песни и музички правци. Да ми бидат родителите покрај мене , со топол збор и мил поглед , отколку да ми го купуваат нивното отсуство. Да ме караат кога по незнам којпат ќе згрешам, оти со љубов ќе ме научат. Да ме смират со галење по коса,поглед полн со љубов и збор полн разбирање, отколку да ме остават сам со поразителна рамнодушност дека немаат време. Да ги нервирам наставниците за да конечно разберат дека и јас сум душа желна за внимание и топол збор! Да ме радува говорот на ликовите во цртаните филмови , отколку да ме гуши бистрењето политика на секој обичен граѓанин, кој од бистрење политика не добил ништо! И да, сакам да имам аутизам , затоа што не е болест , туку е состојба, која и покрај целиот немир која со себе го носи, ќе ме заштити од најстрашното – бескрајната нечовечност кај „луѓето“!

Автор на текстот: Иле Михајловски

bottom of page