top of page

ДИСЛЕКСИЈА (2 дел)


Пишување

Пречките при пишување се поделени во две групи. Во првата група се потешкотии во обликувањето, правилноста и организираноста на буквите и ракописот. Во втората група се пречки во самостојното составување на текстот ( составување на приказна, опишување на настани, одговори на прашања, пишување на подолг текст од лектира или реферат). Потешкотиите од првата група се појавуваат кога детето тешко го поврзува гласот кој го слуша со адекватната буква во пишувањето. Тие потешкотии оневозможуваат правилно нижење на буквите во зборот кој се пишува, и можат да бидат последица на истите оние фонолошки недостатоци кои се појавуваат и кај читањето. Во пишувањето овие потешкотии се најмногу видливи во диктат кога детето пишува онака како што слуша и како изговара, односно замената на изговорените гласови ги следат и заменетите букви. Пр: „коса – коза“, „ жаба –заба“.... Постои и замена на графички сличните букви како и во читањето. Оваа графичка замена се случува и во кирилицата и во латиницата, бидејќи и во двете писма постојат графички слични букви.

Ракописот може да биде необликуван, буквите иако детето може да ги разликува, можат да бидат недоволно диференцирани. Исто така, детето не може да ги познава границите на зборовите, па кратките зборови, деловите на сложените глаголи или предлози да ги пишува споено. Може тешко да го воочува почетокот на реченицата како почеток на нова мисла и да ја испушта големата буква.


Инаку, пишувањето на големата буква според правилата, е една од најтешките задачи во правописот, така да кај децата со дислексија често може да биде вистински „кошмар“ , најмногу поради прецртаните училишни задачи или состави со црвено пенкало.


Втората група потешкотии е видлива во самостојното пишување на некој текст. Тие се последица на различниот во развојот на говорниот и пишуваниот јазик. Имено, пишуваниот јазик е многу посложен по својата формална структура отколку говорниот, бидејќи со него се мора да се искаже со зборови ( во говорот многу работи се изразуваат преку гестови, мимики и паузи). Тие зборови во пишуваниот јазик треба да бидат точно напишани, да бидат наредени во граматички правилен редослед, разграничени меѓусебно со запирки и точки, прашалници или извичници. Самостојното составување, опишување или одговарање со потполни и целосни реченици е најтешкиот дел во јазичниот развој воопшто.

Децата со дислексија, но и сите други деца на почетокот, тешко ја обликуваат својата мисла во збор и граматички потполни и јасни реченици. Нивното самостојно пишување е најтешкиот дел во јазичниот развој, кој за жал, е често запоставен и тргнат настрана во големиот број на поучувања од наставните предмети или терапевтските постапки за совладување на техниките на побрзо читање или подобар ракопис.

Визуелна перцепција

Во визуелното поле постојат потешкотии кои самите деца често ги опишуваат како : движење на буквите, асимилирање на редовите на текстот, губење на делови од реченицата, завршувањето на зборовите, дезориентација во насока лево – десно, горе – долу .

Многу научници последните години повторно ја истакнуваат особеноста во визуелната обработка на симболите кај децата со дислексија. Рон Дејвис , автор на книгата „Дар на дислексијата“, исто така ја нагласува изменетата перцепција на буквите како еден од факторите кои влијаат на неможноста на учењето на правилниот облик на зборовите. Буквите се вртат, па зборот е погрешно перцепиран или детето наместо да ги види зборовите гледа празно поле. Поради ова децата не можат течно да читаат без застој.

Памтење Краткорочното памтење е едно од трите фази на памтење и во читањето има многу важна улога. Тоа опфаќа способност на задржување на секвенца на некоја моментална работа или мисла во свеста во текот на дваесет секунди. Дислексијата, од некоја причина ја погодува токму таа фаза на краткорочно памтење, и на тој начин ја оневозможува суптилната компатибилност на конвертирање на буквите и гласовите и создавање слогови кои се нижат еден по друг и обликуваат јасни зборови кои се изговараат во читањето на глас или се „мислат“ ако се чита во себе. Значи, ако краткотрајната меморија не овозможува памтење на редоследот на тие слогови, кои не можат лесно да се поврзат во збор, тогаш се појавува, во нетечното читање толку приметлив застој и обид со повторно макотрпно исчитување да се надомести пропуштениот слог или глас. Дислексијата понекогаш опфаќа потешкотии и со долготрајната меморија. Тогаш таа е голем проблем во совладувањето на училишниот материјал. Но, голема е веројатноста овие потешкотии со долготрајната меморија да се надоградуваат со потешкотиите во организација на материјалот кој се учи, во вид на своевидна дезориентација.


Потешкотии во секвенционирање Овие потешкотии подразбираат дека детето тешко се снаоѓа во временско – просторните секвенци. Тоа често не знае кој ден е во неделата , а кој следи по него; исто така , тешко го учи редоследот на месеците во годината и редоследот на годишните времиња. Тешко се снаоѓа и во текот на дневните збиднувања, па понекогаш , непрецизно одредува дали театарската претстава била пред или после наставата, дали претходниот ден часот по физичко образование бил пред или после часот по природа. Слично може да биде и во памтењето на некој редослед во просторот. Дали училиницата по математика е прва или трета во ходникот? Дали омилената продавница за облека се наоѓа позади книжарницата или продавницата за облека? Дали е можно до домот на другарчето да се дојде после едно или две свртувања – ова се чести дилеми кај децата во просторната ориентација и памтењето на некој просторен редослед.


Потешкотии во организација на информациите Овие потешкотии во основа се повеќечасовно , но сепак неуспешно седење покрај книгата, поради кое учењето кај децата со дислексија им дава „темни тонови“ на целокупното школување. Децата често учат одредена лекција не создавајќи поголеми или помали целини во кои научените податоци би можеле да се сместат. Совладувањето на техниката на учење, на пр. создавање на когнитивни мапи во кои фактите се класифицираат на посебно организиран начин, према поимовната хиерархија, со цртање на тие мапи на голема хартија или на компјутерски програми како PowerPoint, во многу влијаат да се намали дезорганизираноста во собирањето и обработката на податоците на информациите во текот на учењето .


Особености во начинот на учење на нови содржини Во цврста врска со организирањето на информациите е и поимот на обработка или процесирање на информациите. Имено, постојат четири темелни начини со кои секој од нас ги прима и обработува информациите од надворешниот свет: аудитивни ( со слушање), визуелни (со гледање), тактилни ( со допирање) и кинестетски ( со движење ). Најчест е аудитивниот начин на презентирање на информациите со кој наставникот толкува и објаснува, а децата слушаат. Постои мислење дека аудитивниот начин на претставување на информациите е прилично недоволен, ако е единствен во излагањето на новиот материјал за учење кај децата со дислексија. Ако се вратиме на потешкотиите во фонолошката обработка и потешкотиите во краткотрајната меморија, можеме да заклучиме дека получасовното усно излагање и предавање на наставникот е крајно некорисна презентација на новиот материјал за детето со дислексија, бидејќи тоа може често пати целосно да се изгуби. Тоа не значи дека слушањето на некоја прочитана лектира во аудио формат со изразен глас, на детето со дислексија нема да му биде интересно. На нив, може да им биде подеднакво интересен и корисен начин на излагање на некои наставници бидејќи во задржувањето на насоченото внимание им помага изразот на лицето, движењето и впечатливиот тон во говорот на тој наставник. За јасноста и едноставноста на говорот како пресудни фактори на успехот на наставникот во привлекување на активно внимание на ученикот, не треба ниту да се зборува. Освен аудитивниот или слуховниот начин на презентирање на новите информации постои и визуелниот , со кој информациите се претставуваат со дијаграми, мапи, фотографии, филмови.... Ниту со овој начин и сите овие средства на децата не им се подеднакво лесни и прифатливи. Имајќи ги во предвид нивните визуелни потешкотии, сложените дијаграми или табели можат да бидат прилично конфузни и збунувачки. Но , со користењето на различни бои и слики за истакнување на одредени поими од некоја лекција или текст, документарен или игран филм на некоја тема,можат да бидат многу големо поттикнувачко средство во учењето на некоја нова содржина. Освен овие два начина , постојат уште тактилниот и кинестетскиот начин на процесирање. Тактилниот значи допирање на одредени материјали и предмети, обликување и учење со помош на модалитет на допирот. Овде најдобро се покажа глината како едно од основните средства за обликување на букви и зборови во методот на американскиот автор Рон Дејвис. Кинестетскиот начин подразбира учење преку движење, во танц, драматизација, игра по улоги. Тактилниот и кинестетскиот начин се покажаа многу корисни во учењето на децата со дислексија.


Лингвистички и концептуални проблеми Децата со дислексија можат да имаат и лингвистички потешкотии. Тие често не мора да бидат видливи во секојдневниот говор. Но, потешките говорни ситуации, како опишувањето на некој настан или ситуација, ги откриваат вистинските нијанси во степенот на развојот на детскиот јазик. Тие нијанси најчесто значат неможност да се употребат точните зборови за просторните односи во некоја ситуација или настан, како „покрај“ , „помеѓу“, „преден“, “заден“, „овде“ или „таму“. Тие нијанси и несигурност се присутни и во употреба на поимите „пред“, “после“ , „претходи“ , „следи“ за временскиот тек на настаните. Исто така, во својот говор децата можат да употребуваат и неправилни облици на некои глаголи или некои видови на именки. Се чини дека говорниот јазик кај некои деца со дислексија често пати во почетокот на школувањето помалку отстапува од нивните врсници , отколку во подоцнежните години на школувањето. Причина за тоа е што напредниот говорен јазик – граматички правилни зборови и реченици, побогат речник и сигирна употреба на поимите, најмногу се градат со учењето на пишаниот јазик на текстови кои се читаат или пишуваат во училиште или надвор од него. Некои деца со дислексија, без разлика дали работат самостојно или со помош на терапевт и родителите, многу читаат, пишуваат, го анализираат јазикот. Така напредуваат во својот јазиче и поимовен развој. Кај децата со кои родителите и терапевтите не работат на збогатување на јазикот, се губи можноста да се искористи богатството на пишаниот јазик како најсилен двигател на говорно – јазичниот и спознајниот развој. Кај таквите деца, за жал , постои голема можност за претворање на дислексијата во потешкотија во учењето во најдрастичен облик која е сериозна пречка на секое успешно школување. Разлики во способностите Она што често ги следи децата со дислексија е тврдењето на нивните родители и наставници дека нивните деца имаат изразени способности во некои подрачја и слабости во други. Тоа често го докажуваат и резултатите од тестовите за нивните когнитивни способности. Денес често се пишува дека децата со дислексија имаат на Вешлеровата скала на интелегенција таканаречен АЦИД – профил или слаби резултати во подтестовите во сметање, информираност и меморирање на броеви, додека резултатите од тестовите во пронаоѓање сличности, разбирање и составување на коцки многу добри. Слични разлики можат да се видат и во ускажувањето способности во секојдневниот живот. Така, децата со мака читаат преводи на филмови, а за самостојно прочитани лектири уште долго ќе сонуваат, можат да бидат љубопитни кон истражување функционирањето на електричните апарати, а понекогаш и сами да имаа многу креативни решенија во конструирање на такви уреди. Некои од нив се многу генијални во информатичките области и многу вешти ги користат компјутерските програми. Некои деца (најчесто девојчиња) во повисоките одделенија од основното образование и покрај потешкотиите во правописот и граматика на пишаниот јазик, пишуваат приказни и песни ,покажувајќи фантазија и снаоѓање во вештото прераскажување и заплетот на настаните, или во поетскиот израз. Некои пак, рано се посветуваат на проучување на растителниот и животнискиот свет на начин кој е поттикнувачки во развојот на поимите и аналитичкото мислење. Постојат и деца со дислексија кои се најталентираните цртачи на стрипови и графити во своите училишта.


( Текстовите се превод на материјали од семинари - European Dyslexia Association )

bottom of page